Град Скопје сè уште тактизира околу субвенционирањето на печки на пелети


       
Скопје, 18 октомври, 2018 - 11:51 (META) 

Грејната сезона веќе почна, а Градот Скопје сè уште не го објавил вториот повик за субвенционирањето на купувањето печки на пелети за заинтересираните граѓани. Огласот требаше да биде објавен пред почетокот на сезоната на греењето, како втор годинава, откако на Совет на Град Скопје не помина обидот на градоначалникот Петре Шилегов во ребалансот на градскиот буџет да го „протне“ скратувањето токму во делот на субвенционирање на печките на пелети, со оправдување дека вакви субвенции дава и Министерството за економија, но и некои скопски општини, како Аеродром и Гази Баба.

Субвенциите за печките за пелети се и една од мерките за намалување на загадувањето од листата мерки на еколошките здруженија на кои се обврзаа кандидатите за скопски градоначалник пред локалните избори минатата година.

-На исполнување на 39-те барањата на Коалицијата „О2“ се обврзаа сите кандидати за градоначалник. Дел од овие барања се вклучени во тековни проекти на Секторот за животна средина, кој работи солидно. Но, мојот впечаток е дека борбата против загадениот водух, еднакво како и „посветеноста“ на хуманиот третман на животните, не се ништо друго освен лажни предизборни ветувања на актуелната гарнитура во Град Скопје. Повикот за субвеционирање печки на пелети се уште не е објавен, преговорите со приватните превозници за префрлање на дел од автобусите на гас „се во тек“ и ние и оваа зима во јавниот превоз ќе имаме возила кои се под сите стандарди. Најголема посветеност гледам во исполнување на обврските кон коалициониот партнер ДУИ, но партискиот пазар не го редуцира ниту го елиминира загадувањето – вели Драгана Велковска, советник во Град Скопје од редовите на „Левица“.

Во јуни Шилегов беше критикуван од опозицијата во градскиот Совет поради тоа што, предложи со буџетскиот ребаланс да се скратат средства за субвенционирање на печките на пелети, како и за набавка на електрични автобуси. Субвенциите за печки на пелети, како еколошки поприфатлив енергенс од согорувањето на дрвата, беа за првпат воведени од страна на претходниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски.