Град Скопје го направи првиот чекор во постапката за ажурирање на Интегриран катастар на загадувачи на животната средина на Град Скопје.
На Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) е објавен оглас за прибирање понуди за ажурирање на овој катастар, а од Град Скопје процениле дека за тоа ќе бидат доволни 508.400 денари.
На заинтересираните им е оставен рок до 15 ноември, односно само десет дена од објавувањето на огласот, за да ги достават понудите. Предвидено е фирмата да го заврши ажурирањето за најмногу 12 месеци од потпишувањето на договорот. При изборот Град Скопје ќе се раководи од принципот 40% за цената и 60% за квалитетот, пишува во образложението на ЕСЈН.
Инаку, сегашниот катастар на загадувачи на животната средина на Град Скопје е од јули 2016 година, а бил изработен од „Технолаб“ – Скопје.
Катастарот ги опфаќа сите видови на загадување, односно покрај воздухот, и на водите и на почвата. Се состои од: Софтверска база на податоци, која ги содржи податоците за емисиите во воздух, вода и почва од изворите на загадување, потоа Карта на загадувачи и Карта на загаденост.