Град Скопје ќе субвенционира и велосипеди за лица со посебни потреби


       
Скопје, 12 април, 2018 - 12:28 (META) 

Град Скопје ќе издвои 10 милиони денари за субвенции за граѓаните за набавка на велосипеди, информираат од таму.

„9 милиони денари ќе бидат издвоени за субвенции за набавка на велосипеди, а 1 милион денари ќе бидат издвоени за субвенции за набавка на рачни велосипеди или рачни велосипеди со електрично помагало за лица со посебни потреби“, информираат од Град Скопје.

Со оваа одлука е предвидено максималниот износ за поединечна субвенција за купување велосипед по лице да биде 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари, со вклучен персонален данок на доход.

„Новитет во јавниот повик за набавка на велосипеди за 2018 година, што е во фаза на подготовка, е тоа што оваа година Градот Скопје ќе субвенционира набавка на рачни велосипеди (велосипед на рачен погон), како и рачни велосипеди со електрични помагала за лица со посебни потреби. Градот Скопје ќе субвенционира 50 отсто од вредноста на рачниот велосипед и рачниот велосипед со електрично помагало за лица со посебни потреби, но не повеќе од 90.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход“, велат од Град Скопје.