Град Скопје и Министерство за култура заеднички ќе ја градат новата Универзална сала


       
Скопје, 15 мај, 2018 - 16:26 (META) 

Се очекува во 2019 година да почне изградбата на нов објект на Универзална сала на местото на сегашната. Финансирањето ќе биде заедничко на Министерството за култура и на Град Скопје, за што првите луѓе на овие институции, министерот Роберт Алаѓозовски и скопскиот градоначалник Петре Шилегов потпишаа писмо за намери.

– За жал, нашата метропола, поради состојбата во која се наоѓа Универзална сала, нема соодветен простор за културно-уметнички манифестации меѓу 1.000 и 5.000 луѓе. Во моментов нашите национални установи од културата во Скопје, Филхармонијата, Операта, Македонскиот народен театар и другите театри излегуваат во пресрет за да се надомести овој недостиг, но тоа создава дополнителни предизвици во нивната редовна дејност – рече министерот за култура.

Скопскиот градоначалник рече дека од многуте најави на претходната власт, единствено од ветената изградба на нов објект било само преименувањето на постоечкиот.

– Предизборно беа изработувани и презентирани во јавноста многу проекти, од кои беше реализирано само преименувањето на овој објект. Предизборните ветувања се провлекуваат уште од 2009 година. Ниту претходната локална, ниту претходната централна власт не направија напори да изградат нова сала – рече Шилегов.