Ѓорчев: ВМРО-ДПМНЕ ќе работи Македонија да се приклучи на иницијативата „Трите мориња“


       
Скопје, 12 февруари, 2018 - 16:35 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ ќе покрене широка меѓународна акција за пристапување на Република Македонија кон иницијативата на „Трите мориња“ – од Балтичкото море до Црно море и од Црно Море до Јадранското море – во која што членуваат 12 европски земји, изјави денеска на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев.

– ВМРО-ДПМНЕ ќе ги насочи своите надворешно политички ресурси, иницијативи и контакти за обезбедување полноправно членство на Република Македонија во оваа важна регионална иницијатива. Се работи за иницијатива која што покрива еден милион и двесте илјади километри квадратни и повеќе од 110 милиони жители. Се работи за иницијатива која што е проевропска но и евроатланска, која што е подржана силно од САД и претседателот Доналд Трамп – рече Ѓорчев.

Тој додаде дека иницијативата ќе ја покренат и во рамките на Европската народна партија каде што членува ВМРО-ДПМНЕ и дека оваа идеја ќе ја промовираат и во Брисел.