Ѓорчев: Налепниците на возилата се директен удар врз средната класа и сиромашните


       
Скопје, 12 ноември, 2018 - 17:13 (META) 

Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, на прес-конференција денеска ги повика премиерот, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање и скопскиот градоначалник Петре веднаш да се откажат од планот за воведување еколошки категории за возилата, нарекувајќи го тој чекор „стигматизирање на сиромашните“.

– ВМРО-ДПМНЕ ги повикува Зоран Заев, Јани Макрадули и Петре Шилегов веднаш, веднаш уште денес или уште утре да престанат со нивниот проект за стигматизирање на цели категории на граѓани, а кој што се однесува на налепниците на возилата поврзани со издувните гасови. Оваа нивна мерка е директно насочена против средната класа во Република Македонија и против сиромашните. Затоа што нивните возила нема да можат да бидат забележани со зелена налепница. Тие луѓе со месеци, и со месеци нема да можат да ги користат нивните возила, нема да можат слободно да се движат и ќе имаат реални конкретни, практични проблеми во нивното дневно функционирање. И тие и нивните семејства – рече Ѓорчев.

По прес-конференцијата реагираа од Градот Скопје, порачувајќи дека мерката е непопуларна, но здравјето на граѓаните е најбитно.

„Сигурни сме дека дел од решенијата нема да бидат популарни, но здравјето на граѓаните е од највисок приоритет и само со заеднички напори и жртва може да се постигнат резултати и подобрување на состојбата во оваа област. Конкретните измени во Законот за возила, кои се на иницијатива на Град Скопје, се далеку поефективни и поправични во однос на алтернативата која се спроведува во некои метрополи, а тоа е забрана за користење на возилата по принципот „пар-непар“, се вели во реакцијата, во која се посочува дека се спроведува план за подобрување на квалитетот на воздухот со 53 мерки.