Ѓорчев до Заев: Зошто вашиот личен адвокат го спасуваше градоначалникот на Ново Село?


       
Скопје, 26 јули, 2018 - 12:28 (META) 

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев на седницата за пратенички прашања го праша премиерот Зоран Заев зошто неговиот личен адвокат го спасувал градоначалникот на Ново Село кој беше обвинет за шверцување цигари.

-Сите декларации и ветувања паѓаат во вода кога вчера вашиот личен адвокат ќе отиде да го вади градоначалникот од Ново Село. Брука е тоа што се случи. Ќе го исклучите ли од СДСМ – праша Ѓорчев.

На ова премиерот Заев одговори дека адвокатот Ване Андреев кој му бил адвокатите во некои судски процеси е приватен адвокат и тој може кој сака да го ангажира бидејќи не е на функција. Тој додаде дека градоначалникот на Ново Село е негов личен пријател, но секој кој што згрешил треба да одговара.

На прашањето зошто било дозволено пари од Фондот за иновации да завршат кај функционери, Заев рече дека правно тоа е дозволено но не е етички.

-Го поздравувам етичкиот момент кога фирмите во кои што имаат дел политичари се повлекуваат. Легално тоа е возможно но етички не е па затоа носителите на јавни функции ги преземаа соодветните дејствија. Фондот располага со огромни пари преку Буџетот, најголем дел од тие пари се наменети за домашни фирми за отворање на нови работни места. Јас не можам да правам увид во моите фирми и фирмите на Заеви затоа што немам време. Сакам да ги следиме етичките кодекси и да бидеме транспарентни, повторувам се е според законот, но ете ги исполнуваме и етичките дилеми – рече Заев.

Ѓорчев праша зошто било прикривано убиството на Никола Саздовски, на што Заев му одговори дека никој после Мартин Нешкоски не може да прикрива убиство во државата.

-Влијае нашата дебата, влијае и ние како се однесуваме и дали само сакаме да добиеме политички поени или навистина ни е грижа. Будното око на јавноста е најголем коректив. Мора да бидеме внимателни, се преземаат дејствија законот да мора да важи за сите – додаде Заев.

Во последното прашање, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ му порача на министерот за култура, Асаф Адеми да не го чепка музејот на ВМРО зошто тој е нешто свето, а во спротивно ќе одговара за тоа.