Ѓорчев, „благо речено“, излажа за бројот на иселени од Бугарија, Романија и Латвија по влезот во ЕУ (инфографик)


       
Скопје, 16 октомври, 2018 - 14:35 (META) 

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев вчера во реплика во Собранието за време на седницата за уставни измени наведе неколку бројки со кои тврдеше дека три земји откако влегле во Европска Унија драстично им се намалил бројот на жители. Но, бројките му се погрешни.

– Да бидеме искрени, апсолутно докажлива манипулација е и невистина да се каже дека ако нам ни успеат евроатлантските интеграции ќе го сопреме иселувањето од Македонија. Ако се случат евроатлантските интеграции, тоа ќе помогне на безбедноста, на економијата, на инвестициите и на се останато, но погледнете ја Бугарија, изгубија 2,1 милиони жители. Романија од 23 милиони, на 19 милиони. Латвија од 2,4 милиони на 1,9 милиони… Апсолутно, благо речено невистина е дека евроатлантските интеграции ќе значи останување на младите генерации во Македонија. Тоа заеднички го посакуваме, но ако говорите афирмативно за договорот, не го користете тој аргумент затоа што апсолутно се оди кон емоциите на луѓето „гласајте за ова за децата да ви останат дома“ – вели Ѓорчев.

Податоците од Светска банка за бројот на населението во Бугарија, Романија и Латвија велат дека Влатко Ѓорчев – не ја кажува вистината.

Бугарија и Романија и се придружија на Европската Унија во 2007 година. Во 2007 година Бугарија имала 7.545.338, а во 2017 имала 7.075.991 жители. Тоа е намалување за 469.347 жители откако Бугарија влегла во ЕУ, што е далеку помалку од 2,1 милиони како што тврди Ѓорчев во Собрание. Всушност Бугарија никогаш немала 2,1 милиони жители повеќе од сега. Најмногу жители имала во 1988 година односно 8.981.446 жители.

Романија во 2007 година имала 20.882.982 жители, а во 2017 година според Светска банка избројани се 19.586.539 што значи намалување за 1.296.443 жители. Ѓорчев вчера рече дека во Романија од 23 милиони се намалиле на 19. Романија последен пат имала 23 милиони жители во 1991 година односно 23.001.155.

Латвија стана членка на ЕУ во 2004 година. Тогаш имала 2.263.122 жители, а во 2017 1.940.749 што е намалување за 322.373 жители. Бројката од 2,4 милиони жители што ја земал Ѓорчев за споредба е од 1998 година  кога Латвија имала 2.410.019 жители по што бројот почнал да опаѓа.