Германија смета дека Македонија заслужува признание од цела ЕУ


       
Берлин, 14 јуни, 2018 - 11:51 (META) 

Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Mас на прес-конференцијата со министерот за надворешни работи, Никола Димитров во Берлин рече дека Германија го поддржува договорот постигнат меѓу Македонија и Грција за кој смета дека е решение постигнато со заедничко разбирање кое ќе донесе промена кај граѓаните.

Тој рече дека одлуките за ЕУ и НАТО ќе бидат многу важен сигнал и истакна дека она што Македонија го постигнала во однос на исполнување на критериумите и процесот на реформи, навистина импресионира и дека заслужува признание од цела ЕУ.

– Ова решение е добро ние ќе го поддржуваме и натаму тој процес за влез на земјата во ЕУ. Не импресионира процесот на реформи што во последниве години се случува во Македонија. Земјата покажува резултати и треба да добие признание за тоа од целата Европска унија. Ви укажуваме да покажете решителност. Се надевам дека одлуките кои ќе се носат во иднина во однос н НАТО и ЕУ ќе бидат важен сигнал за граѓаните на вашата земја и ќе се оди во правец на европската перпектива, не сакаме некои други сили да ги остваруваат нивните планови во вашиот регион – рече Мас.

На новинарско прашање дали се подготвени да лобираат за помош за придвижување на евроинтеграцискиот процес на Македонија, Мас, рече дека се апсолутно подготвени.

– Уверен сум дека позицијата на Владата ќе биде прифатен од Парламентот, како и од нашите холандски и француски пријатели со кои интензивно ќе разговараме во следните денови за да дојдеме до заедничка позиција – рече Мас.

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров рече дека мотивите во целиот овој процес на преговори, освен пријателство со Грција биле и членството во ЕУ и НАТО, при што според него, политичката одлука во јуни од Европскиот совет и поканата за членство во НАТО ќе значат дека компромисот што е постигнат ќе биде видлив за двете страни.

-Македонија живее историски денови, недели и месеци, на добар пат сме да затвориме еден спор кој беше како камен и ни го отежнуваше прогресот и не заклучи во чекалната каде многу години поминавме, од 2005 година како кандидат за членство, а годинава ја добивме деветтата препорака. Ова чекање создаде кризи, но научивме лекции. Сакаме да немаме спорови со соседите, да имаме независно судство, слободни медиуми и одговорни политичари – изјави Димитров во Берлин.

Според Димитров, Македонија на овој начин не создава само перспектива, туку го затвора и македонското прашање.