Германија го укинува, Македонија сè уште суди според законот за заштита на монарсите


       
Берлин/Скопје, 26 јануари, 2017 - 16:43 (META) 

Министерот за правда на Германија, Хајко Мас, вчера соопшти дека германската влада ќе го укине законот кој им забранува на граѓаните на земјата да ги навредуваат странските лидери.

Мас изјавил дека станува збор за „застарен и непотребен закон“.

Укинување на законот се случува една година откако канцеларката Ангела Меркел одобри да се поведе постапка против комичарот Јан Бемерман, кој напиша сатирична песна за турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Амбасадата на Турција во Македонија, на крајот на декември минатата година, соопшти дека поднела кривична пријава против лицето Е.А., инаку турски државјанин, бидејќи го навредувал турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на „Фејсбук“, со што им наштетил на угледот на Република Турција и на нејзиниот претседател.

Од надлежното јавно обвинителство молчат и не одговараат на прашањата на „Мета“ дали кривичната пријава е прифатена и е отворен предмет, како и тоа на кој член од Кривичниот законик се повикува Амбасадата на Турција во пријавата.

Инаку, според членот 181 од Кривичниот законик на Македонија, предвидена е парична казна за „тој што со намера за исмејување јавно ќе изложи на подбив странска држава, нејзино знаме, грб или химна или шеф на држава или дипломатски претставник“.

Законот за навреда на странски државници потекнува од времето на монархиите во Европа и е поврзан со францускиот термин „lèse-majesté“, односно „повредено височество“. Неговата оригинална употреба била за заштита на монарсите и за санкционирање на сите кои ќе го повредат нивното достоинство или кралството со кое владеат.