Галичка свадба ќе се одржи од 13 до 15 јули


       
Скопје, 5 јули, 2018 - 14:52 (META) 

Годинешното 45. издание на Галичка свадба ќе се одржи од 13 до 15 јули во истоименото село на планината Бистра.

И оваа година неколку илјади посетители од земјава и странство одново ќе бидат сведоци на над 30 оригинални свадбени обичаи и ритуали, проследени со традиционални народни носии, песни и ора кои пленат со својата автентичност, убавина и културна вредност.

– Горди сме што Галичка свадба од Агенцијата за подршка на туризмот беше прогласена за најуспешна туристичка манифестација за минатата година, а од „Њујорк тајмс“ и „Нешeнал геoграфик“ за најтрадиционален свадбен фестивал во Европа. Овие признанија се само уште една причина Галичка свадба да продолжи да го негува македонското културно богатство и да биде негов промотор во целиот свет – вели Александар Костиќ, претседател на Месната заедница „Галичник“ која е организатор на манифестацијата.

Покрај останатите гости, на годинешната Галичка свадба ќе присуствува и премиерот Зоран Заев, во својство на покровител на манифестацијата, заедно со неколку други членови на Владата.

– Оваа манифестација игра огромна улога во зачувувањето и афирмацијата на оригиналниот фолклор, традиционалните вредности, архитектурата и на народното творештво, како темели на нашиот културен и национален идентитет. Дополнително, Галичка свадба претставува и своевиден македонски туристички бренд. Заради ваквото огромно значење, Владата и понатаму останува силен промотор и поддржувач на оваа и останатите слични манифестации во нашата земја – изјави министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски.