!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Галичица ги привлекува најголемиот број туристи што го посетуваат Охрид


       
Охрид, 23 ноември, 2016 - 19:00 (META) 

Најголемиот број странски туристи што го посетуваат Охрид, наоѓаат време да се искачат на Галичица. Патеката која води до врвот сè уште е пристапна, како за почетници, така и за рекреативци и за професионални планинари.

– Нема кому не му се допаднала Галичица. На Галичица се добива едно поинакво чувство на слобода. Се добива впечаток дека Охридското Езеро ни е на дланка. Целиот тој пејзаж од една поинаква перспектива е навистина моќен. Секој ден од Галичица се гледа еден поинаков колорит. На туристите досега тоа им е една од омилените дестинации – вели познатата алпинистка и туристички водич, Илина Арсова.

На падините на Галичица, селата како Коњско, Елшани, остануваат на листата на омилени места за туристите, кои сакаат убавината која ја затекнале сега, да ја видат повторно кога ќе се вратат.

Меѓу омилените локации за туристите од странство е и локалитетот Св.Наум, но, за жал, таму комерцијализацијата веќе го зела својот данок. Еколошките организации предупредуваат дека тамошните објекти за комерцијални услуги ја загадуваат околината.

– Таму, за жал, отпадните води се пуштени во самите извори. Тоа беше навистина трагично, бидејќи сведочат и домашните посетители и туристите. Св. Наум може да биде навистина убаво место, само што премногу е урбанизирано, тие убави стари дрва се исечени, малку е без вкус и неплански уредено – додава Арсова.