!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Г.г. Стефан: Мора да сфатиме дека работите треба да се решаваат низ дијалог


       
Скопје, 7 декември, 2017 - 22:04 (META) 

„За нашиот верен народ и за нашата независна држава, сè уште останува еден од проблемите – тоа што Македонската православна црква (МПЦ) е неприфатена во сеправославното семејство, за жал, од политички причини. Па, Охрид и Црквата во Македонија ниту ги измисливме, ниту се создадени за штета на другите, туку за слава на Бога и за спасение на нашиот богољубив народ. Само така и единствено на тој начин треба да се сфатат последните, актуелни напори на Светиот архиерејски синод во решавањето на овој нелогичен и нецрковен проблем, поврзан со статусот на нашата Црква“.

Ова го истакна поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан во своето обраќање на свечената академија во пресрет на утрешниот државен празник Свети Климент Охридски, што вечерва се одржа во Македонскиот народен театар (МНТ), под покровителство на премиерот Зоран Заев.

Иако не го спомена директно, станува збор за прва јавна изјава на поглаварот на МПЦ во врска со прифатеното барање Бугарската православна црква да ѝ биде мајка црква на МПЦ.

Според г.г. Стефан, покажаната иницијатива е во духот на љубовта кон својот народ и сето православие.

– Кој се обидува да ги решава проблемите на својот народ, тој покажува и преданост, и почит и дело на родољубивост. Ние мора да сфатиме дека работите треба да се решаваат низ дијалог, во кој ќе ги штитиме своите интереси и потреби, наоѓајќи ги најприфатливите за нас решенија – рече поглаварот на МПЦ.

Премиерот Зоран Заев во своето обраќање го честиташе 50-годишниот јубилеј од возобновувањето на автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква и истакна оти е убеден дека овој јубилеј ќе отвори и „надминување на повеќегодишните предизвици исправени пред МПЦ, која е реалност во православниот свет“.

– Како што успеал свети Климент во мисијата на неговото време, повикани сме да се обидеме и да успееме и ние, надминувајќи ги предизвиците трпеливо и мудро, како што ни доликува, заштитувајќи ги идентитетските вредности како граѓани, како народ и како држава – рече Заев.

На свечената академија присуствуваа високи претставници на МПЦ, пратеници, претставници на Владата, на амбасадите, професори, академици, претставници на верските заедници, на бизнис-заедницата и други гости.