!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

„Фрајле“ и 1.500 василичари ќе ги забавуваат посетителите на Вевчанскиот карневал


       
Скопје, 4 јануари, 2017 - 14:40 (META) 

Околу 1.500 василичари ќе учествуваат на годинешниот Вевчански карневал, на кој главна атракција ќе биде женскиот бенд од Нови Сад „Фрајле“, соопшти денеска на прес-конференција во Скопје градоначалникот на Општина Вевчани, Цветомир Угриновски.

Според програмата на карневалот, од домашната сцена ќе настапат дуото „ДНК“ и групата „Нокаут“, додека од фолк-сцената, посетителите и туристите ќе ги забавуваат Анета Наковска и Ефто Пупиновски.

Градоначалникот Угриновски потсети дека документите сведочат дека карневалот е стар најмалку 1.460 години, но постојат археолошки наоди кои упатуваат на податоци дека карневалот постои барем 2.200 години.

– Денес карневалот е интересно и необично преплетување на пагански со христијански обичаи. Традиционално, учесниците се обидуваат да избегнат воведување на современи карневалски елементи, но, сепак, во последните години во организација на Општината и на Министерството за култура, се воведува ред во овој инаку хаотичен вонвременски настан – истакна Угриновски.

На презентацијата на програмата присуствуваше заменик-министерот за култура, Драган Недељковиќ.

Годинава, музичката и промоциска продукција „Пасворд“ е организатор на музичкиот и на забавниот дел на карневалот. Музичкиот дел почнува на 12 јануари, од 21 часот.

На 13 јануари во 13 часот е традиционалното дефиле на маските, кое ќе трае цело попладне, а потоа ќе следи вториот музички ден.

Вевчанскиот карневал завршува на 14 јануари со традиционалното палење на маските.