fbpx

„Форин аферс“: Брексит може да ја оттргне Македонија од ЕУ и да ја турне во конфликт

-

Големите настани во Европа, како што беше падот на Берлинскиот ѕид, имаат тенденција да поттикнат насилство на Балканот, наведува магазинот „Форин аферс“ во анализата за влијанието на Брексит врз Балканот и врз неговите евроатлантски аспирации.

Во написот, чиј коавтор е Огнен Врангелов, докторанд по политички науки на Универзитетот „Квинс“, се наведува дека ефектите од Брексит ќе бидат помалку насилни и дополнително ќе го потресат проблематичниот регион.

„Заминувањето на Велика Британија, пред сè, ќе ги направи подалечни обидите на регионот за членство во ЕУ, бидејќи земјите од тој дел ја согледаа дисфункционалноста на Брисел и потребата за реформи на ЕУ. Националистите во Франција, Холандија и во другите земји членки на ЕУ повикуваат за сопствени референдуми за излез, а тоа ја намалува волјата на Балканот да се вклучи во демократски промени, особено ако на крајот ЕУ престане да постои. Без убедлив пат кон Брисел, можно е забавување на политичкиот прогрес на владите на Балканот. На крај, Брексит би можел да ги охрабри автократите, кои веќе се вртат кон најлошите инстинкти на длабоко поделениот, слаб и сиромашен регион“, стои во анализата.

Во неа се наведува и дека сега е моментот кога Брисел треба да испрати сигнал за посветеност на европскиот проект со проширување кон Балканот.

„Плановите за проширување се одолжија поради високото ниво на корупција во регионот. Политичките елити ги користат националистичката реторика и отворените рани од војните за да се сврти вниманието од обвиненијата за корупција. Ним не им се брза да ја насочат земјата кон членство во ЕУ затоа што тоа би значело зајакнување на владеењето на правото, како и ефикасност и независност на судството“, оценуваат авторите.

Со интеграцијата на Балканот во ЕУ, аналитичарите оценуваат дека ЕУ ќе може полесно да се справи со бранот бегалци, а, во спротивно, дестабилизацијата на Балканот ќе го засили проблемот со миграцијата кон север.

„Европа страда од една застрашувачка и опасна состојба: криза од замор. Сè уште е во ек миграционата криза, граѓанската војна во Украина и кризата со еврото. Европа едноставно не може да си дозволи уште еден катаклизмички настан. Во моментов, Балканот само може да ја зголеми драмата“, сметаат аналитичарите на „Форин аферс“.

Во Македонија, според нив, повторно се појавиле оние сили кои речиси ја турнаа земјата во војна за нејзино потенцијално распаѓање.

„Благодарение на ветото на Грција за аспирациите на Македонија кон ЕУ и кон НАТО, политичкиот развој во земјата се најде во ќор-сокак, премиерот Никола Груевски ги подгреа шовинистичките сили во земјата, иницирајќи, како што тој го нарече, „ребрендирање на нацијата“. Тоа е навраќање на македонскиот идентитет од античко време, а ваквиот проект не само што создаде револт кај албанското малцинство, туку предизвика и длабока поделеност меѓу Македонците. Режимот на Груевски ги етикетираше противниците како странски платеници и национални предавници“, се вели во анализата на „Форин аферс“.

Во неа се наведува и дека актуелната влада ги уништува медиумите, ги гони политичките опоненти и ги зароби државните институции, инсталирајќи партиски членови на клучни судски и обвинителски позиции. Пишувајќи за објавените прислушувани разговори, кои откриле корупција на високорангирани владини претставници, се наведува дека Груевски, под притисок на ЕУ и на опозицијата, се повлекол.

„Сепак, тој и неговите партиските колеги, вклучувајќи го и претседателот на државата, го попречуваа спроведувањето на договореното одржување на слободни и фер избори и прифаќањето на легитимноста на Специјалното јавно обвинителство, правосудно тело создадено за да ги истражи криминалите откриени со прислушваните разговори. Миграциската криза му беше од полза на Груевски, овозможувајќи им на провладините медиуми да ја обвинуваат ЕУ за запоставување на Македонија во услови на криза, која го стресе целиот континент. Истовремено, Груевски шири страв за можна исламизација на земјата, која има значителен број муслимани. Реална е опасноста внатрешно-македонската конфронтација да прерасне во поширок меѓуетнички конфликт. Создавањето на јасна временска рамка за членство на Македонија во ЕУ би можело да ги отстрани површните пречки (противењето на Грција, а сега и на Бугарија на името „Македонија“) и да биде потребниот поттик за реформските процеси, како и да овозможи да се намалат некои од овие внатрешни спорови во однос на иднината на земјата“, стои во анализата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...