Фон дер Лајен: Шансата е уникатна и треба да се искористи


       
Скопје, 20 септември, 2018 - 11:57 (META) 

Германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен на средбата со македонската колешка Радмила Шекеринска денеска во Скопје порача дека Македонија и Германија ги делат истите вредности и дека треба „да продолжиме да ја градиме Европа заедно!“, порачувајќи дека земјава има уникатна шанса што треба да се искористи.

– Од нашето искуство со германското соединување, можам да кажам дека такви шанси се уникатни и дека треба да се искористат.  Сакам да кажам дека зборувам за соединета, обединета Европа и дека сакаме заедно да продолжиме да ја градиме Европа со вас – рече германската министерка додавајќи дека Македонија и Германија ги делат истите вредности – демократијата, владеењето на правото, достоинството на секој еден поединец, правото на слободно изразување.

По средбите во министерството, министерката Шекеринска рече дека честите посети на највисокото германско раководство, канцеларката Меркел, министерот за надворешни работи Мас и министерката Фон дер Лајен, покажуваат дека Германија е искрен, постојан и вистински пријател на Македонија.

-Тоа германско лидерство го препознаваме и денеска, кога добиваме сериозна, искрена и отворена поддршка токму кога македонските граѓани одлучуваат за својата земја, својата иднина. Тоа лидерство го видовме и на претходниот самит на НАТО во вашата силна поддршка на самитот Македонија да ја добие долгогочекуваната покана за членство во Алијансата – рече Шекеринска.