!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Финансиското описменување на младите ќе се врши и во училиштата


       
Скопје, 12 јануари, 2017 - 10:20 (META) 

Гувернерот Димитар Богов и директорката на Бирото за развој на образованието, Весна Хорватовиќ, потпишаа меморандум за соработка во областа на финансиската писменост и во други области во образованието.

– Двете институции ќе остварат соработка на полето на финансиската едукација преку подготвување политики, спроведување истражувања и анализи, преземање заеднички активности за подигнување на јавната свест и за промоција на финансиската едукација и писменост, и за размена на релевантна експертиза – се вели во соопштението на Народна банка.

Институциите ќе вршат консултации за стратегиски прашања на национално и на меѓународно ниво, ќе подготвуваат наставен и прирачен материјал за основните и за средните училишта од областа на финансиската писменост и ќе организираат обуки и други едукативни активности со кои ќе бидат опфатени наставниците и учениците.

Со овој меморандум се очекува да се зацврсти соработката помеѓу двете институции во областа на финансиската едукација, со што ќе се придонесе за зголемување на свеста кај учениците и за зајакнување на нивните финансиски знаења, а воедно ќе се придонесе и кон нивно идно полесно вклучување во современите текови на финансискиот систем.