!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Филмови за душа и тело на филмскиот фестивал во Солун


       
Солун, 5 ноември, 2017 - 19:10 (META) 

Потрагата по корените, не само на филмската уметност, е една од димензиите на педесет и осмото издание на Интернационалниот филмски фестивал во Солун, кој беше отворен во четвртокот, 2 ноември, со „За душа и тело“ на унгарската режисерка Илдико Енједи, и ќе трае до 12 ноември, кога се затвора со филмот „Забава“ на уште една особена авторка, британската режисерка Сели Потер.

По традиција, на солунскиот фестивал ќе бидат прикажани повеќе од 250 наслови, селектирани во десетина програми. По многу години, во угледната и популарна програма „Балкански преглед“, на солунскиот фестивал се најде и еден македонски филм, „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески (неговиот интернационален наслов е „Secret ingredient“ или „Тајната состојка“, што беше и негов работен наслов за време на продукцијата). Дебито на Ставрески, чија светска премиера е токму на овој фестивал, е работено во копродукција со Грција. Неговата сторија говори за млад човек кој нема пари за скапи лекови за тешката болест (рак) на неговиот татко, па краде марихуана која е „тајната состојка“ со која прави колач. Болеста на таткото е како со рака однесена, но тоа се расчуло меѓу соседите и другите паталци по чудотворен лек за тешки болести, па сега момчето е под опсада од барања за рецептот од разни намерници, но е и мета на локалната мафија, бидејки нивна била марихуаната… Сценариото е на Ставрески, главните ролји во филмот ги толкуваат Благој Веселинов, Анастас Тановски и Аксел Мехмет, а директор на фотографија е Дејан Димески.
Во официјалната натпреварувачка програма на фестивалот, која селектира први и втори филмови на автори, годинава се 14 конкуренти од домаќинот Грција, европските земји, Русија, Латинска Америка, САД, Иран и од Филипините. Авторите се борат за двете главни награди, „Златен Александар“ и „Сребрен Александар“. По само три дена од почетокот на фестивалот, неблагодарно е да се даваат какви било прогнози за евентуалните шанси за награди на конкурентите.

Меѓу популарните содржини на Солунскиот фестивал е и програмата „Отворени хоризонти“, со десетици наслови од сите светски меридијани. Ако ѕвезда на отворањето на фестивалот беше Илдико Енједи со нејзиниот особено успешен филм „За душа и тело“, кој во февруари ја доби „Златната мечка“ на Берлинале, беше апсолутен фестивалски хит годинава, стана и унгарски претставник за „Оскар“ во категоријата странски филм, а директорот на фотографија Мате Хернаи ја доби и првата награда на годинешното издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола, тогаш фестивалска ѕвезда наредниве денови сигурно ќе бидат Александар Пејн и Рубен Остлунд. Пејн е американски режисер од грчко потекло, кој е двоен оскаровец за сценарио и го претставува неговиот најнов светски успех, „Смалување“. Тоа е „мал“ филм со битен наратив – што ќе се случи ако навистина се оствари експериментот на група норвешки научници, кои во потрага по решение за пренаселеноста на Земјата, бараат начин да ги смалат луѓето? Одговорот го има Пејн, а кастингот во неговиот филм го предводат ѕвездите Мет Дејмон и Кристоф Волц.

Солунскиот фестивал годинава им прави омаж на четири исклучителни автор(к)и: Илдико Енједи, Рубет Остлунд, Ида Лупино и Арман Гати. „Плоштад“ на Остлунд е актуелниот добитник на канската „Златна палма“, а и тој, како и Енједи, спаѓа меѓу современиците што можеби немаат богата филмографија, но секако кај нив квалитетот е далеку пред квантитетот. Ида Лупино беше позната како актерка, но и како една од првите жени што застана зад филмската камера како режисерка, веднаш по Втората светска војна. Арман Гати, пак, е еден од позначајните интелектуалци на француската политичка левица пред и по Втората светска војна (во војната бил затворен во нацистички концентрационен логор, од каде што побегнал и се приклучил на британските специјални воени сили САС). По војната бил ангажиран новинар, театарски и филмски автор.

Секој фестивал кој пледира да остане актуелен, освен што може да ја одржува благородната мисија на потрага по корените на филмската уметност, мора да биде и во дослух со новите технолошки тенденции. Затоа годинава Солунскиот фестивал почна со необична селекција насловена „Виртуелна реалност“, која содржи десет специјално продуцирани филмови кои се гледаат со специјална опрема. Станува ли филмот, на тој начин, веќе класична уметност? Ќе видиме…

Од Солун: Стојан Синадинов