Филипче: Намалени се максималните цени на 336 генерички лекови


       
Скопје, 29 март, 2018 - 13:11 (META) 

Министерот за здравство, Венко Филипче информираше дека намалени се максималните цени на вкупно 336 генерички и 222 оригинаторни лекови, односно таканаречени иновативни лекови.

Тој додаде дека согласно Законот за лекови и медицински средства и методологијата за начинот на утврдување на цените на лековите, Министерството за здравство спроведе годишна ревизија на цените на сите лекови, кои се издаваат на рецепт.

– Намалувањето на максималните цени доведува до намалување и на големопродажните и малопродажните цени на лековите, кои ќе важат од 1. април 2018 година. Заштедата кај генерички лекови на годишно ниво изнесува 993 илјади евра, додека кај оригинатори, односно иновативни лекови изнесува 1.388.600 евра или вкупно 2.381.600 евра – информираше Филипче.

Тој додаде дека за споредба, во 2016 година вкупната заштеда е 1.126.000 евра, а во 2017 година вкупната заштеда е 398.315 евра.

– Со оваа најголема заштеда во лековите досега, граѓаните ќе добијат поевтини лекови и можност за лекување со нови терапии, односно можност за проширување на позитивната листа на лекови- додаде тој.