!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Филип: Граѓаните гласаа за Макрон и за промените во законот за работа


       
Париз, 13 септември, 2017 - 11:00 (META) 

Францускиот премиер Едуар Филип соопшти дека без разлика на вчерашните протести, измените во законот за работа ќе се спроведат затоа што граѓаните на изборите гласале за тоа.

– Слушам и обрнувам внимание. Но, морам да кажам дека Французите, кога гласаат, исто така имаат право да бидат третирани со почит. А, реформите кои ги спроведуваме, ги најави претседателот Емануел Макрон за време на предизборната кампања – изјави Филип во интервју за телевизијата „Франс 2“.

Француската влада минатиот месец, по повеќенеделни преговори со синдикатите, воведе мерки што опфаќаат ограничување на исплатата на отпремнина во случај на отказ. Синдикатите оценија дека новите мерки се на штета на работниците и оти со нив се охрабруваат компаниите да отпуштаат и да вработуваат луѓе.