„Фејсбук“ без согласност споделувал податоци со производители на смартфони


       
Њујорк, 5 јуни, 2018 - 12:05 (META) 

Социјалната мрежа „Фејсбук“ имала договор за споделување податоци на корисниците со компании производители на смартфони и други уреди, како „Амазон“, „Епл“, „Блекбери“, „ХТЦ“, „Мајкрософт“, „Самсунг“ и десетици други, пишува американскиот весник „Њујорк Тајмс“, повикувајќи се на извори во социјалната мрежа.

Како што е наведено, „Фејсбук“ има потпишано договори со најмалку 60 производители на паметни телефони и други уреди. Соработката траела околу десет години откако апликацијата „Фејсбук“ стана достапна за паметни телефони.

Од Фејсбук ги негираат наводите дека софтверот АПИ (Апликациски програмски интерфејс) и помогнал да добие пристап до уредите, на пример Aјфон.

Според „Њујорк тајмс“, во рамките на соработката, администрацијата на „Фејсбук“ им дала на производителите не само лични податоци на потрошувачите, туку и на нивните пријатели. Ова е направено без експлицитна согласност на корисниците, па дури и по објавувањето дека таквите информации повеќе не се пренесуваат надвор од социјалната мрежа и дури и кога во поставките за приватност корисникот забранил споделување.