!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Европските новинари реагираа на изјавите на Хан за слободата на медиумите


       
Брисел, 19 февруари, 2015 - 14:15 (META) 

Новинарската бранша остро реагираше на изјавите на комесарот на ЕУ за претпристапни преговори, Јоханес Хан, дадени неколку часа пред неговото заминување во Скопје, во кои тој искажува сомнеж за рангирањата и за методологијата на „Репортери без граници“ за слободата на медиуми.

На прашање од новинар од Србија за состојбата со слободата на медиумите во таа земја, Хан одговара дека слушнал за проблемите со слободата на медиумите, но дека му била потребни докази, а не гласини. По констатацијата на дописничка од Србија дека земјата паднала 13 места во однос на слободата на медиумите, Хан одговори дека „бара да види како се прават тие рангирања“.

Европската Федерација на новинари, откако ја доби снимката од средбата, веднаш реагираше.

Претседателот на организацијата, Могенс Блихер Бјерегард, изјави дека алармантната состојба со медиумската слобода во Србија не е гласина туку реалност.

– Новинарите во Србија се во постојана битка за нивното основно право на слобода на изразување. Евопската комисија треба да остане независна и да ги постави стандардите за фундаментални права кога преговара со земји-кандидати. Овие права се столб на европската демократија и за нив нема компромис – рече Бјерегард.

ЕФН му испрати писмо на еврокомесарот во кое ги набројува последните нарушувања на медиумските слободи во Србија и бара официјална средба со Јоханес Хан.

Реагираа и „Репортери без граници“ преку својот директор, Кристијан Мир, кој во интервју рече дека новинарите во Србија се под силен притисок и покрај тоа што земјата преговара за членство со ЕУ.

Мир побара слободата на медиуми да биде силен предуслов за Србија во ЕУ.

По бурните реакции на новинарите и на новинарските организации за изјавите на Хан, еврокомесарот се обиде да ги разјасни своите искази.

Преку соопштение испратено до дописниците во Брисел, тој вели дека постојано ја подвлекува критичката важност на медиумските слободи како клучен услов за прогрес кон ЕУ.

– Повеќепати ја повторив својата сериозна загриженост за медиумските слободи во Србија и не оставив сомнеж околу овој став за време на средбата со новинарите, а разговарав и со властите во Србија – стои во соопштението.

Во прилог можете да го слушнете делот од средбата со новинарите во Брисел, на која Хан ги даде контроверзните изјави за слободата на медиумите во Србија.