Европскиот парламент денеска суспендираше полски пратеник на 10 дена откако за време на дебата изјави дека жените треба помалку да заработуваат од мажите затоа што се „послаби, понежни и помалку интелигентни“.
Претседателот на парламентот, Антонио Тајани, рече дека Јануш Корвин Мике е суспендиран од обврските во парламентот на 10 дена, нема да добива дневници 30 дена и ќе му биде забрането да го претставува законодавното тело цела година.
– Нема да толерираме такво однесување. Со навредувањето на жените, тој покажа презир кон фундаменталните вредности – рече Тајани.
Корвин Мике на 1 март, за време на дебатата за платите на мажите и на жените, рече дека жените треба да бидат помалку платени.
– Секако дека треба да бидат помалку платени затоа што се послаби, понежни и помалку интелигентни – рече Корвин Мике, кој ја предводи радикалната десничарска полска партија.