!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Европол уапси 24 од најбараните криминалци


       
Хаг, 30 ноември, 2016 - 16:57 (META) 

Европската полициска служба (Европол) денеска соопшти дека уапсила 24 од 60 криминалци кои се наоѓаат на листата најбарани во Европа.

Како што се наведува во соопштението, многу криминалци од листата и понатаму се кријат во Европа, поради што Европол заедно со Европската мрежа за барање бегалци (ЕНФАСТ) од 1 до 23 декември секој ден ќе објавува по една фотографија од бегалец кој е баран во една од 23 различни европски земји.

Европол истакна дека откако на почетокот на годинава беа објавени листи со имиња и со фотографии од 60 најбарани лица, кои се осудени или осомничени за убиство, киднапирање, тероризам, трговија со дрога, голем дел веќе се фатени благодарение на медиумското внимание што го предизвикаа.

„Многу од нив и понатаму се кријат во Европа и европските агенции со спроведување на законот заедно работат за да ги фатат. Сите овие криминалци бегаат од одговорност и од казни, а тоа тешко им паѓа не само на жртвите, туку и на семејствата и на пријателите на жртвите“, стои во соопштението.