This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Fri Aug 17 20:46:15 2018 / +0000 GMT

„Еуромакс рисорсис“ смета дека доставила сè што можело за Иловица




„Еуромакс рисорсис“, компанијата со инвеститори од Канада, САД и Велика Британија, денеска се огласи со реакција за одлуката на Владата на нејзината 63, седница, со која го задолжи Министерството за економија да ја продолжи постапката со која од компанијата - концесионер на рудникот за бакар и и злато на локалитетот Иловица, треба цда ја докомплетира документацијата.

Компанијата смета дека доставила сè што можела, а за некои работи попречила политичката криза.

„Компанијата смета дека ги има доставено сите неопходни документи што произлегуваат од концесијата, а кои можеа да се достават, имајќи предвид дека одредени процеси доцнеа поради политичката криза во Македонија и ограничената моќ на одлучување на техничката Влада која беше поставена поради државната Комисија за борба против корупцијата“, се вели во реакцијата од „Еуромакс рисорсис“.

„Еуромакс рисорсис“ вели дека со инвестиција од 343 милиони евра проектот за развој на рудникот за бакар и злато во Иловица – Штука е една од најголемите инвестиции во Македонија од осамостојувањето до денес. Компанијата вели дека одлучила да се откаже од употребата на цијанид, употребувајќи модерна рударска технологија, а преку работата на рудникот ќе  придонесе за развој на економијата што ќе резултира со раст на бруто домашниот производ од 3% на годишно ниво.

„Во текот на изградбата на рудникот, во првите две години, проектот ќе создаде над 3.200 директни и индиректни работни места. Просечната нето плата во рудникот ќе биде 16.000 евра по вработен на годишно ниво. Изградбата на рудникот ќе биде во вредност од 180 милиони евра, а локалните компании ќе можат да работат на овој проект во период од две години колку што е планирана изградбата на рудникот. Со стартот на операциите на проектот, за различни економски активности во следните 22 години ќе бидат потрошени 1,6 милијарди евра во локалната и во националната македонска економија или 74 милиони евра на годишно ниво. Дополнително, по основ на даноци и концесиски надомест од проектот во Македонија ќе се инкасираат 528 милиони евра или просечно на годишно ниво околу 24 милиони евра“, велат од канадската компанија.

Post date: 2018-04-13 14:08:15
Post date GMT: 2018-04-13 12:08:15
Post modified date: 2018-04-13 14:09:05
Post modified date GMT: 2018-04-13 12:09:05

Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. MS Word saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com