!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„Еуробарометар“: Македонските граѓани не им веруваат на судството, полицијата и на партиите


       
Брисел, 12 септември, 2017 - 11:57 (META) 

Македонските граѓани имаат најмала доверба во правосудниот систем, полицијата, јавната администрација, владата, парламентот и во политичките партии, покажува најновото истражување на јавното мислење на „Еуробарометар“.

Единствено, повеќе од 50 отсто од граѓаните имаат доверба во Армијата (51 отсто) и во Европската Унија (53 отсто).

Истражувањето е спроведено во мај оваа година, односно пред формирањето на новата влада, а е објавено минатиот месец. Анкетите се однесуваат на перцепцијата на грѓаните во 28 земји членки на ЕУ, како и во петте земји кандидатки за членство – Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора и Турција.

Според анкетата на „Еуробарометар“, само 23 отсто од македонските граѓани се изјасниле дека имаат доверба во судството, 70 отсто немаат доверба, а 7 отсто рекле дека не знаат. Слични проценти на доверба, односно недоверба во правосудните системи на своите земји, покрај Македонија, имаат уште Бугарија и Словенија. Најмногу доверба во националното судство имаат граѓаните на Данска и Финска (по 88 отсто), Холандија и Австрија (80 отсто) и на Шведска (78 отсто).

Во полицијата, според истражувањето, доверба имаат 34 отсто од македонските граѓани, 61 отсто немаат доверба, а 5 отсто не знаат. Ова воедно е и најнискиот процент на доверба во полицијата од сите земји опфатени во истражувањето. Најмногу доверба во полицијата имаат граѓаните на Данска (93 отсто).

Кога станува збор за јавната администрација, 30 отсто од граѓаните рекле дека ѝ веруваат, 62 отсто дека не ѝ веруваат и 8 отсто – не знаат. Помалку доверба во јавната администрацина од Македонија имаат само граѓаните на Грција (78 отсто), на Италија (67 отсто) и на Летонија (65 отсто).

Само 15 отсто од граѓаните на земјава, според „Еуробарометар“, им веруваат на политичките партии, а дури 76 отсто немаат доверба во нив.

Доверба во Владата имаат 23 отсто од испитаниците, а на извршната власт во земјава не ѝ веруваат 64 отсто од граѓаните.

Идентичен е распоредот на проценти и кога станува збор за довербата на граѓаните во парламентот.

„Еуробарометар“ е сервис за истражувањето на јавното мислење за потребите на Европската комисија, основан во 1973 година.