!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ЕУ ќе има повеќе од 27 членки, но не пред 2019 година, порача Јункер


       
Брисел, 13 септември, 2017 - 13:23 (META) 

До крајот на мандатот на сегашната Европска комисија нема да бидат исполнети условите за влез на некоја од земјите од Западен Балкан во Европската Унија, изјави денеска претседателот на Европската комисија, во годишното излагање за состојбата на Унијата во Европскиот парламент.

– Условите за влез на некоја нова членка во ЕУ од Западен Балкан нема да може да се исполнат до крајот на сегашниот мандат на Европската комисија, 2019 година – рече Јункер, додавајќи дека апсолутен приоритет е секоја нова члена целосно да ја има воспоставено правната држава и да ги почитува темелните вредности на ЕУ.

Тој рече дека во годините што следат Европската Унија ќе има повеќе од 27 членки, но дека тука не спаѓа и Турција која, како што рече, веќе извесно време со џиновски чекори се оддалечува од ЕУ.

– Тамошните новинари мораат да ја имаат слободата на говор во редакциите, новинарите не смеат да бодат затворани – предупреди Јункер.

Тој ги повика турските власти да ги ослободат сите затворени новинари и да престанат да ги навредуваат земјите од ЕУ и нивните лидери, нарекувајќи ги фашисти и нацисти.

– Европа е континент на зрела демократија, но тие што свесно навредуваат уриваат мостови, а во Турција тие што го прават тоа сакаат да ги урнат мостовите и притоа да ја обвинат Европската Унија за неуспехот во преговорите – рече Јункер.