!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ЕУ: Иванов да направи итни консултации со партиите и да определи нов мандатар


       
Брисел, 30 јануари, 2017 - 14:08 (META) 

Европската Унија очекува од претседателот на државата, Ѓорге Иванов, „да изврши итна и отворена консултација“ со политичките партии во земјата и „бргу да определи лидер за формирање влада“, изјави на прес-конференција портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич.

Изјавата на Коцијанчич доаѓа по истекот на рокот од 20 дена, во кој лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и ДУИ не успеаја да договорат нова владина коалиција.

– Ги повикуваме сите политички актери во земјата, вкучително и претседателот, да дејствуваат на смирен и конструктивен начин со целосна одговорност за решавање на сегашната состојба. Земјата нема време за губење и во овој контекст очекуваме претседателот, според Уставот, да изврши итна и отворена консултација со политичките сили во земјата и бргу да определи лидер за формирање влада, кој ќе може да најде заедничко тло за формирање стабилна, солидна и отворена коалиција – вели Коцијанчич.

Портпаролката на ЕК уште еднаш истакна дека идната владина коалиција треба да биде што е можно поширока и да се потпира на силен реформски консензус и на меѓуетничка соработка.

– Ние очекуваме од идната влада и од сите политички сили во земјата да продолжат со имплементирање на Договорот од Пржино и со спроведување на реформските приоритети, бидејќи сето тоа е од витално значење за понатамошниот напредок на земјата на патот кон европските интеграции и е нешто на што сите политички партии се обврзаа, а истото го очекуваат и граѓаните – истакнува Коцијанчич.