ЕУ и САД ја прекинаа трговската војна


       
Вашингтон, 26 јули, 2018 - 11:40 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп и претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер се договорија дека „ќе ја прекинат трговската војна“ и ќе почнат преговори за отстранување на пречките во трговијата.

„Ова е голем ден за слободната трговија. Веднаш ќе почнеме со преговорите, но добро знаеме во која насока одат“, изјави Трамп по состанокот со Јункер во Белата куќа.

Тој додаде дека заеднички ќе работат на ослободување од царините и субвенции за индустриските производи, со исклучок на автомобилската индустрија.

„Исто така ќе работиме на намалување на пречките и зголемување на трговските услуги, хемиски, фармацевтски, медицински производи“, изјави Трамп и додаде дека Европа ќе го зголеми купувањето на природен плин од САД.

Преговорите ќе го решат проблемот и со високите царини кои САД ги воведе за челикот и алуминиумот од Европа, но Јункер додаде дека се договориле дека нема да воведат нови царини за време на разговорите.

„Имавме конструктивен состанок“, накратко додаде Јункер.