ЕУ и НАТО ќе го стресат пазарот на труд, но се голема шанса за работниците


       
Скопје, 12 септември, 2018 - 10:14 (META) 

Македонија се соочува со хроничен дефицит од одредени профили стручно квалификувани работници, а на тоа подолг период укажуваат стопанските комори во земјава. Најсвеж пример за тоа се транспортерите и стопанствениците од текстилната индустрија кои изминативе денови јавно се пожалија дека имаат недостиг од кадар и дека се потешко се наоѓаат работници од одредени струки. Извесно е дека овој проблем во иднина ќе се зголемува, а главна причина за тоа стратегиската определба на нашата земја за членство во Европската Унија за што на 30 септември ќе има изјаснување на граѓаните на референдум.

Доколку дојде до отварање на процесот на преговори и зачленување на Македонија во Европската Унија, тоа ќе значи и отворање на европскиот пазар на труд за работниците од нашата земја, што според регионалните искуства ќе придонесе за драстичен бран на иселувања на работници во некоја од европските земји.

EUmobile

Според податоците на „Еуростат“ во 2017 година повеќе од половина милион Бугари на возраст од 20 до 64 години живееле во некоја од земјите на ЕУ, а 70 отсто од нив работеле во државата каде што живеат. Официјалните податоци на Бугарскиот завод за статистика, покажуваат дека минатата година популацијата во Бугарија на возраст од 20-64 години изнесувала 4,5 милиони.

Од „Еуростат“ пресметале дека 12 отсто од лицата на оваа возраст се резиденти на некоја друга земја од ЕУ, што значи дека околу 550.000 Бугари живееле и работеле надвор од татковината. Во 2007 година само 5 отсто од Бугарите на оваа возраст живееле во ЕУ односно 220.000 лица. Податоците на „Еуростат“ откриваат дека убедлив рекордер во однос на иселувањата во земји од ЕУ е Романија, каде дури 19,7 отсто од населението на возраст од 20 до 64 години живее и работи во некоја од земјите од ЕУ.

Во Агенцијата за посредување при вработување во странство „Коузон“, која со децении работи на спојување на домашниот и странскиот пазар на труд велат дека во Македонија, посебно кај младите лица и сега постои огромен интерес за работа во странство.

Slobodnimesta

„Ние нудиме различни програми за сезонска и постојана работа насекаде во светот. Постои огромен интерес, а најдобар показател за тоа е што во моментов имаме над 1.000 студенти на работа во странство. Доколку дојде до отварање на европскиот пазар на труд за лица со македонски пасош очекуваме огромен бран иселувања бидејќи и досега многу наши сограѓани правеа сè што можат за да дојдат до бугарски пасош кој е своевидна виза за работа во ЕУ“, велат од „Коузон“.