Ердоган – Заев: Поддршка за добрососедските политики и за решавање на спорот со Грција


       
Анкара, 12 февруари, 2018 - 18:23 (META) 

Премиерот Зоран Заев и претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на денешната средба во Анкара констатирале дека двете земји имаат потенцијал за унапредување на економската соработка преку зголемување на турските инвестиции како и преку нови иницијативи од страна на Македонија.

Ердоган ја поддржал иницијативата на Заев за зголемување на квотите за извоз на телешко и јагнешко месо во Турција и најавил дека овој став ќе го пренесе на Владата на Република Турција.

Од владата информираат дека Ердоган изразил поддршка и охрабрување на турските бизнисмени за инвестирање во Македонија.

„Претседателот на Турција Ердоган даде поддршка на добрососедските политики што ги води Македонија, го поддржа процесот за решавање на спорот со Грција и оцени дека е тоа добро за Балканот и за евро-атлантските перспективи на Република Македонија“, стои во владиното соопштение.

Претходно, Заев имаше средба со претседателот на турскиот парламент Исмаил Кахраман, со кој се согласил дека парламентарната соработка меѓу двете држави е важна и дека ќе придонесе кон определбата за зголемување на трговската размена меѓу Македонија и Турција на една милијарда евра.