!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Ердоган нема да го прими американскиот амбасадор


       
Анкара, 10 октомври, 2017 - 18:52 (META) 

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека нема да го прими американскиот амбасадор во заминување во Анкара на проштална средба и ги обвини САД дека направиле проблем поврзан со обостраното суспендирање на издавањето визи.

– Турција има долга традиција и сигурно нема да дозволиме нешто такво да се случи. Амбасадорот ја завршува својата мисија и сигурно ниту јас, ниту министерството ќе го прими на проштална средба – рече Ердоган при посетата во Белград.

Тој рече дека се поставува прашањето дали одлуката за суспендирање на визите била одлука на амбасадорот Џон Бес.
– Доколку мој амбасадор направеше нешто такво, немаше ни еден час повеќе да остане на функцијата – рече Ердоган.

САД во неделата соопштија дека го стопираат издавањето неимигрантски визи во своите дипломатски претставништва во Турција откако турските власти уапсија еден конзуларен службеник, под обвинение за шпионажа. Набргу и Турција го сопре издавањето визи во САД.
Ова е уште еден чекор на оддалечување на официјална Анкара од Западот, откако Турција, која е членка на НАТО, ги залади односите со ЕУ, особено со Германија.