fbpx

Ердоган ќе ги повлече сите тужби за навреда на неговата личност

-

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган синоќа во Анкара соопшти дека ќе ги повлече сите судски тужби што ги има поднесено за навреда на неговата личност.

– Ќе простам и ќе ги повлечам сите тужби за многу случаи во кои сум бил навредуван и непочитуван – рече Ердоган на церемонијата организирана во спомен на загинатите и на повредените лица во неуспешниот обид за државен удар.

Досега се заведени 1.845 судски дела за навреда на шефот на државата, а меѓу тие за кои е поднесена тужба се лидерите на опозициски партии, како и лица кои објавувале негативни коментари за Ердоган на социјалните мрежи.

Ердоган досега има добиено неколку судски спорови за вакви дела.

Во меѓувреме, генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, во телефонски разговор со Ердоган изрази загриженост поради масовните апсења во Турција по неуспешниот обид за пуч.

Генералниот секретар на ОН, кој телефонски разговарал и со турскиот министер за надворешни работи, Мевљут Чавушоглу, ја повика Анкара да ги почитува човековите права и демократските принципи, вклучувајќи ја слободата на говорот и правото на собири. Бан, исто така, истакнал и дека е против одлуката за враќање на смртната казна во Турција.

Истанбулскиот суд им одреди мерка притвор на 17 турски новинари поради поврзаност со исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, главниот осомничен за неуспешниот државен удар извршен на 15 јули.

Дваесет и еден новинар вчера беа сослушани, од кои четворица беа веднаш ослободени. Новинарите се товарат дека припаѓаат на „терористичка група“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.