!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Проклетството „ербас А320“ однесе 789 животи


       
Париз, 24 март, 2015 - 16:36 (META) 

Авионите „ербас А320“, во кои спаѓаат моделите A318, A319, A320 и A321, од своето пуштање во сообраќај од април 1988 година, па досега, имале 60 несреќи, во кои загинале 789 лица. Од вкупниот број несреќи, во дури 24 авионите биле целосно уништени.

Авионот „A320“ официјално е претставен во март 1984 година, а првиот лет го имаше во февруари 1987 година. Испораката почна 13 меесеци подоцна.

Првата несреќа на моделот „A320“, каков што денеска се урна на француските Алпи, била на 26 јуни 1988 година, за време на демонстративниот лет на францускиот аеродром „Мулјаус-Хабсхајм“. „A320-111“, авион стар само неколку месеци, се урна во шумата зад пистата за слетување. Тројца од 136 патници загинаа.

„A320“ во 2008 година учествуваше во две несреќи во кои загинаа патници. Летот на авиопревозникот „ТАЦА“ кобно заврши при слетувањето во Сан Салвадор. Пет лица загинаа на пистата и уште двајца во авионот. Слично се случи и со експерименталниот лет „Икс-Ел Џерманија“, чиј авион се урна во море покрај јужниот брег на Франција. Загинаа седум патници.

Моделот „A320“ е познат и по несреќата во јануари 2009 година, кога авион на „Ју-Ес Ервејс“ на летот 1549 поради судир со јато птици и проблеми со моторот, принудно слета во реката Хадсон во Њујорк. За среќа, сите 155 патници беа навреме евакуирани од полупотонатиот авион. Капетанот и копилотот беа прогласени за херои.

Последната несреќа, пред падот на „Џерманвингс“, се случи во декември 2014 година, кога авион на индонезиската компанија „Ер Азија“, на летот 8501, се урна во Јаванско Море. Сите 162 патници загинаа. Истрагата за несреќата сè уште е во тек.