fbpx

ЕП: Ситуацијата во Македонија е многу сериозна, кризата ја оддалечува од ЕУ

-

На пленарната седница на која се разгледуваше извештајот што известувачот Иво Вајгл го подготви за напредокот на Македонија во 2016 година, Европскиот парламент синоќа изрази загриженост поради политичката состојба во Македонија.

Европарламентарците оценија дека ситуацијата во Македонија е многу сериозна и оти со продлабочувањето на политичката криза се загрозува европската перспектива на земјата. Тие побараа да се деблокираат процесите за конституирање на Собранието и за формирање влада.

Претставникот на малтешкото претседателство, Јан Борг, зборувајќи во име на Советот на Европската Унија, рече дека Македонија страда од поларизација и од култура на поделби и дека системски недостатоци се регистрирани во судскиот систем, човековите права и борбата против корупцијата.

Известувачот Вајгл истакна дека Собранието не може да работи и да се формира нова влада поради системски опструкции и однесувањето на шефот на државата. Тој, исто така, ги повика земјите од регионот да не се мешаат во внатрешните работи на Македонија, особено во период кога ситуацијата во земјата е толку проблематична и комплицирана.

– Не треба да ја правите ситуацијата уште потешка со мешање во внатрешните работи. Македонија се соочува со големи предизвици на патот кон ЕУ. Сепак, очекувам дека ќе дојде крајот на кризата, дека владата ќе се формира и дека ќе се обнови нормалното функционирање на Собранието – порача Вајгл.

Известувачот „во сенка“, европратеникот Кнут Фленкештајн, порача дека е лошо да се држи цела земја заложник затоа што не се оствариле очекувањата на една партија за останување на власт.

– Поголемиот дел од земјата мисли дека демократијата функционира само ако победат – рече Флекенштајн.

Европратеникот и известувач во сенка, Едвард Кукан, го повика претседателот Иванов „да ја почитува волјата на мнозинството и да го даде мандатот за формирање влада, а Собранието да почне да работи според нормална процедура“.

Гласањето за резолуцијата е предвидено за првата сесија на Европскиот парламент во мај.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...