This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Tue Oct 17 15:19:34 2017 / +0000 GMT

ЕЛЕМ: Трошењето струја е зголемено за 30 проценти во однос на последните пет години




Поради екстремно ниската температура, регистрирана е 30 проценти поголема потрошувачка на електрична енергија во однос на истиот период за последните пет години, се вели во соопштение на АД ЕЛЕМ.

-  Сите расположливи капацитети за производство на електрична енергија на АД ЕЛЕМ се ставени во погон. Дел од количествата се обезбедуваат на слободниот пазар во согласност со постојните правила и процедури усвоени од Регулаторната комисија за енергетика - посочуваат од компанијата.

Оттаму додаваат дека за дополнување на потребите во периоди од денот со најголема потрошувачка, вчера се набавиле 3.600 мегават-часа електрична енергија преку лиценцираните компании за трговија со електрична енергија.

- Набавката што ја изврши АД ЕЛЕМ е по просечна цена од 101,43 евра за мегават-час и е поевтина во однос енергијата што се продаваше на берзите во регионот. Временските услови од кои се погодени земјите од Југоисточна и од Централна Европа, директно влијаат и на цените на тој енергент. Во текот на вчерашниот ден, на берзата во Унгарија мегават-час електрична енергија во периоди на зголемена потрошувачка се продаваше за 126,3 евра, на берзата во Бугарија чинеше 123 евра, додека на берзата во Србија за истиот период се нудеше по цена од 140,3 евра - објаснуваат од ЕЛЕМ.

Од компанијата нагласуваат дека набавката на електрична енергија, што се врши во овој период, нема да влијае врз цената на електричната енергија за домаќинствата и за малото стопанство.

Термоелектраната „Битола 3“ очекуваат да проработи следните 72 часа.
Post date: 2017-01-10 12:33:58
Post date GMT: 2017-01-10 11:33:58
Post modified date: 2017-01-10 12:47:11
Post modified date GMT: 2017-01-10 11:47:11
Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. HTML saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com