!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

ЕЛЕМ: Трошењето струја е зголемено за 30 проценти во однос на последните пет години


       
Скопје, 10 јануари, 2017 - 12:33 (META) 

Поради екстремно ниската температура, регистрирана е 30 проценти поголема потрошувачка на електрична енергија во однос на истиот период за последните пет години, се вели во соопштение на АД ЕЛЕМ.

–  Сите расположливи капацитети за производство на електрична енергија на АД ЕЛЕМ се ставени во погон. Дел од количествата се обезбедуваат на слободниот пазар во согласност со постојните правила и процедури усвоени од Регулаторната комисија за енергетика – посочуваат од компанијата.

Оттаму додаваат дека за дополнување на потребите во периоди од денот со најголема потрошувачка, вчера се набавиле 3.600 мегават-часа електрична енергија преку лиценцираните компании за трговија со електрична енергија.

– Набавката што ја изврши АД ЕЛЕМ е по просечна цена од 101,43 евра за мегават-час и е поевтина во однос енергијата што се продаваше на берзите во регионот. Временските услови од кои се погодени земјите од Југоисточна и од Централна Европа, директно влијаат и на цените на тој енергент. Во текот на вчерашниот ден, на берзата во Унгарија мегават-час електрична енергија во периоди на зголемена потрошувачка се продаваше за 126,3 евра, на берзата во Бугарија чинеше 123 евра, додека на берзата во Србија за истиот период се нудеше по цена од 140,3 евра – објаснуваат од ЕЛЕМ.

Од компанијата нагласуваат дека набавката на електрична енергија, што се врши во овој период, нема да влијае врз цената на електричната енергија за домаќинствата и за малото стопанство.

Термоелектраната „Битола 3“ очекуваат да проработи следните 72 часа.