This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Sun Sep 24 5:14:11 2017 / +0000 GMT

ЕЛЕМ минатата година за плати и за хонорари потрошиле 56,8 милиони евра




Премиерот и министрите денеска расправаа за затекнатата состојбата во АД „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) во периодот од почетокот на оваа година до 1 август, соопшти владината прес-служба.

Според анализа што била доставена до Владата, производството на електрична енергија во ЕЛЕМ е во континуирано опаѓање, додека потрошувачката на јаглен и на мазут, по произведен мегават електрична енергија, е во постојан пораст.

Според Владата, таквата нелогичност во работењето на ЕЛЕМ се должи на несоодветната ревитализација на соодветните капацитети за електрична енергија, како и на недомаќинското работење со склучување скапи договори со надворешни компании од поранешното раководство.

„Карактеристика во затекнатото работење на АД ЕЛЕМ е прекумерната и непродуктивна превработеност, а за платите и за хонорарите на повеќе од 5.489 вработени и на ангажираните лица со авторски договори, во 2016 година биле потрошени 56,8 милиони евра. Како исклучително високи трошоци за разни услуги, највисоки се оние за услугите на адвокатски канцеларии во земјата и во странство, кои за три години изнесуваат 2,5 милиони евра“, стои во соопштението.

Владата му препорача на новото раководство на ЕЛЕМ, да предложи излезни решенија за оваа ситуација во која се наоѓа компанијата, да ги стави во употреба сите капацитети за да го зголеми производството на електрична енергија за да се избегнат евентуални проблеми со недостигот на струја и за да се избегне фактот кој навестува најниско производство на електрична енергија во историјата на компанијата.

Владата побара да се подготви сеопфатна информација за јавноста да се информира во каква состојба е затекна компанијата на 1 август, кога е поставено новото раководство.

Post date: 2017-09-12 20:11:59
Post date GMT: 2017-09-12 18:11:59
Post modified date: 2017-09-12 20:24:48
Post modified date GMT: 2017-09-12 18:24:48