ЕЛЕМ ќе донира прочистувачи на воздух, бидејќи загадува при производство на струја


       
Скопје, 27 декември, 2017 - 18:16 (META) 

ЕЛЕМ ќе донира прочистувачи на воздух во градинки и училишта, бидејќи како што велат, при производство на струја ја загадуваат околината.

„Во АД Електрани на Македонија сме свесни дека компанијата и дел од нејзините производни капацитети се сметаат за објекти кои во еден сегмент негативно придонесуваат кон загадувањето, што е неизбежен дел во производството на електрична енергија. Како ново раководство, се обидуваме да достигнеме што повисоки еколошки стандарди при производството, да ги почитуваме барањата и одредбите и на невладните организации и на домашните и меѓународните закони од оваа област и ќе го правиме тоа континуирано и во иднина“, вели генералниот директор на ЕЛЕМ, Драган Миновски.

ЕЛЕМ ќе донира прочистувачи на воздухот во пет градинки, во општините Карпош, Центар, Аеродром, Тетово и Кичево, како и во училиштата во Општина Новаци, која се наоѓа најблиску до РЕК Битола.

Од компанијата најавија и донација за во болницата во Битола, на одделението за белодробни заболувања

„Набавката на овие апарати ќе чини околу 40 илјади евра и тие пари ЕЛЕМ ги обезбеди со пренамена на средствата кои беа предвидени за адвокатски услуги“, додаде Миновски.