fbpx

ЕЛЕМ го раскина договорот со „Трансмет“, компанијата треба да плати 300.000 евра

-

ЕЛЕМ информира дека „Трансмет“ се откажал од договорот за ископ на јаглен во РЕК Битола, поради неможност да ги исполни обврските за ископ според утврдената динамика.

„Од денеска договорот со „Трансмет“ е раскинат и ЕЛЕМ ќе ги преземе сите правни дејствија кои му стојат на располагање, согласно договорот и законите за да ја намали штетата која му е причинета од несовесното работење на наведеното правно лице, а со тоа да ја намали и штетата врз јавниот интерес. ЕЛЕМ ќе ја наплати банкарската гаранција од 300.000 евра, која има право да ја активира по неколку основи од договорот, кои „Трансмет“ ги прекрши“, се вели во соопштението на ЕЛЕМ.

Во него се додава дека, ЕЛЕМ ќе испрати известување до Бирото за јавни набавки за активирање на банкарската гаранција. По ова, ќе следува издавање на негативна референца од страна на Бирото, со што оваа компанија ќе биде спречена да учествува на државни тендери во траење од една година.

„Во изминатите три месеци од кога беше склучен договорот, „Трансмет“ не ги испорача договорените количини јаглен за ниту еден месец, ниту ги надомести во следниот месец, како што дополнително се обврза. Исто така, во вториот и третиот месец испорачуваше јаглен со недоволна калориска вредност. Од друга страна, во подолг период имаше застој во работата поради штрајк на работниците на ова правно лице, кои во последните 20 дена целосно го запреа ископот“, додаваат од ЕЛЕМ.

ЕЛЕМ ќе распише нов тендер за избор на надворешна фирма за ископ на јаглен во РЕК Битола, односно во рудникот Брод-Гнеотино.

„Во меѓувреме додека да се реализира новиот тендер, ископот на јаглен ќе се покрие преку т.н. итна постапка, односно ќе бидат повикани неколку фирми кои имаат работено на ископ и транспорт на јаглен и јаловина, од кои ќе се избере најповолна понуда и ќе се склучи спогодба за привремено вршење ископ во следните три месеци, односно до конечниот избор на фирма за ископ, преку тендер и „е-аукција““, се вели во соопштението.

Инаку, против фирмата „Трансмет“ и нејзиниот сопственик, Сеад Кочан се води судски процес за случајот „Труст“ на Специјалното јавно обвинителство. Бизнисменот и неговата компанија се обвинети дека заедно со фирмите „Силекс неметали“ и „Вато“ со невистинити и фалсификувани документи добиле тендер на ЕЛЕМ вреден 17 милиони евра.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...