Екстремно загаден воздух во Скопје втор ден по ред


       
Скопје, 2 јануари, 2018 - 10:29 (META) 

Речиси на сите мерни места во Скопје, освен кај наплатната рампа Петровец, утрово е регистрирано многу високо ниво на ПМ10 и ПМ2,5 честички во воздухот, а високи концентрации има во Тетово и Куманово, покажуваат податоците на веб-страницата „Квалитет на воздухот“ на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Тоа е втор ден како е регистрирана многу висока загаденост на најмалку две мерни места во Скопје, што значи дека Град Скопје би требало да ги примени мерките препорачани од Владата, кои претходно ги стави на сила минатата седмица.

Многу висока загаденост утрово во 8 часот е регистрирана во Центар каде се измерени 220 микрограми на еден кубен метар што е за четири пати поголемо загадување од дозволените 50 микрограми на еден кубен метар. Во Карпош утринава се измерени 263 микгрограми, во Лисиче 206 микрограни, кај Ректорат 293 микрограми, а во Миладиновци 329 микрограми. Најмалку загадено е кај Гази Баба каде мерната станица покажува 110 микрограми ПМ10 честички.

Високо или средно ниво на загаденост со двата типа честички регистрирала мерната станица Битола 2, но и станиците во Куманово и Тетово.

На останатите мерни места вредностите се со средно или ниско ниво на загаденост.