fbpx

Екстерното делумно се бојкотира, штрајкот делумно продолжува

-

Денеска почна екстерното тестирање на ученциите од трета и од четврта година во средните училишта. Поради штрајкот на СОНК, кој трае речиси една недела, во некои училишта екстерно воопшто не се спроведува, а во други го спроведуваат заменски наставници.

– Во средните училишта „Зеф Љуш Марку“ и „Арсени Јовков“ има бојкот од страна на учениците кои не се појавија на екстерното тестирање. Во Струмица, Струга, Гостивар, Тетово и во Куманово екстерното денеска не е спроведува во поголемиот дел од училиштата и покрај заменските наставници. Таму каде што просветните работнници штрајкуваат, екстерното го спроведуваат заменски наставници, но не би сакала да коментирам колку тие се стручни и компетентни за тоа. Имаме информации дека во Струга директорите на училиштата им испраќаат СМС-пораки на родителите за учениците да се појават на екстерното, што е еден вид притисок – вели Весна Неделковска, генерален секретар на СОНК.

Таа вели дека продолжува генералниот штрајк што почна речиси пред една недела, и тоа некаде целосно, некаде делумно се одржува штрајкот, а некаде штрајкуваат само претседателите на СОНК.

– Во Бутел, Чаир, Центар, Сарај, Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Битола, Куманово целосно се спроведува штрајкот на СОНК. Во Гази Баба и во Кисела Вода се спроведува делумно. Некаде повеќе, некаде помалку, но приближно 50 отсо од просветните работници во овие општини штрајкуваат. Во Велес, Прилеп, Охрид, Кочани, Штип и во Делчево штрајкуваат само претседателите на СОНК во училиштата – вели Неделковска.

Таа додава дека генерално се зголемува бројот на просветни работници што се приклучуваат на штрајкот и дека во изминатите неколку дена се направени приближно 200 нови синдикални книшки.

Од СОНК велат дека денеска доаѓа Мартин Ромер од Европскиот синдикат за образование, кој треба да се сретне со шефот на делегацијата на Европската Унија, Аиво Орав, за да разговараат за штрајкот и за притисокот со кој се соочуваат просветните работници.
– Тој бараше да се сретне и со премиерот Никола Груевски и со министерот за образование, Абдилаќим Адеми, но оттаму сè уште нема одговор дали вакви средби ќе се одржат – вели Неделковска.

Во Охрид и во Струга ситуацијата е поделена. Во Охрид нема штрајк, додека во соседна Струга речиси 70 отсто од наставниците штрајкуваат. Матурантите од четирите општински средни училишта во Охрид ќе бидат екстерно тестирани до крајот на месецов. Одговорните ги завршиле сите неопходни подготовки за непречено изведување на целокупниот процес.

За разлика од Охрид, во Струга сите членови на СОНК се во штрајк. Не се штрајкува само во основното училиште во селото Октиси. Демирќани Реџепи, претседател на Регионалниот одбор на СОНК во Струга, кој ги опфаќа и општините Дебар и Жупа, вели дека имаат околу 1.500 членови.

Раководителот на секторот за образование во Општина Струга, Сурија Рушити, вели дека нема конкретен увид дали во средните училишта во Струга има екстерно тестирање. Можно е, додава тој, таков процес да се одвива само со наставниците кои не се во штрајк.

– Меѓутоа, во струшките училишта штрајкуваат околу 70 проценти од наставниците и професорите. Тоа значи дека околу илјада наставници и професори штрајкуваат. Тешко е да се најде замена за сите нив зашто во Агенцијата за вработување се евидентирани само 80-тина невработени наставни кадри, така што екстерното тестирање е доведено во прашање. Има информација дека директорите на училиштата подготвуваат списоци за наставниците и за професорите кои штрајкуваат за да им се најде замена. Ќе чекаме да ни ги достават, а потоа ќе одлучиме што ќе правиме – додава Рушити.

Екстерното тестирање за ученциите од трета и од четврта година во средно образование почна денеска, ќе трае до 30 јануари, а опфаќа околу 20.000 ученици.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Изложба на скулптури од керамика на Боро Новаковски – Новак од четврток во уметничкиот центар Арт Хаб

Во четврток во уметничкиот центар Арт Хаб ќе биде отворена изложбата на скулптури од керамика на Боро Новаковски – Новак. На изложбата ќе бидат презентирани ретките сочувани дела на...