fbpx

Експропријацијата и проектите треба да ја мрднат гасификацијата од мртва точка

-

Гасификацијата во Македонија е една од главните капитални инвестиции со која се фали секоја Влада, но ниту една до сега, ја нема поместено од мртва точка. Важноста на овој капитален проект, властите ја оправдуваат со поевтин енергенс за домаќинствата и компаниите, но и за намалување на загадувањето.

Но, за една деценија од 80 општини во државата, само две се делумно гасифицирани, Струмица и Куманово. Поради недоволно развиената секундарна мрежа, односно поставени цевки низ градовите, но и цената на приклучок, и во овие градови, мал е процентот на институции и домаќинства кои се приклучени на гас. Поради тоа, загадувањето и понатаму останува проблем.

Општина Струмица веќе достави барање до Владата за намалување на стапката на данокот на додадена вредност (ДДВ) за гасот од 18 на пет проценти, за тој да биде поевтин и подостапен.

Што се однесува до изградбата на главниот гасовод, тој се гради од Неготино кон Битола во должина од 92 километри и од Скопје кон Гостивар во должина од 77 километри. Општините во меѓувреме пак, треба да подготват проекти за гасификацијата. Такви проекти прават општините Штип, Прилеп, Кавадарци.

– Јас сум оптимист дека во текот на 2020 година, ќе почнат градежните активности во поголемиот дел од градовите и општините, и до 2025 да бидат целосно покриени. Освен огромните економските бенефити, целосно ќе биде решен и проблемот со загадувањето на воздухот – вели директорот на Македонски енергетски ресурси, Бајрам Реџепи.

Интензивна изградба на гасоводот годинава

Реализацијата на изградбата на гасоводот лани беше минимална и изнесуваше едвај околу 9 проценти од планираните 2 милијарди денари. Но за годинава, од Владата најавија дека  гасификацијата ќе биде една од главните капитални инвестиции, на која, заедно со изградбата на патиштата и железницата ќе се работи на зголемување на процентот на реализација.

Според надлежните, отстранети се сите пречки кои до сега била причината поради кои овој капитален проект доцни. Обезбедени пари за експропријација на земјиште, изготвена техничка и проектна документација, се главните адути на Владата поради кои се оптимисти дека гасифицирањето на државата ќе оди со засилено темпо.

Во одговор за „Мета“, премиерот Зоран Заев рече дека за гасификацијата за оваа година се предвидени близу две милијарди денари (околу 30 милиони евра). Тој додаде дека во буџетот биле предвидени дополнителни 50 милиони евра (813.000 евра) за експропријација.

– Имотно-правни односи на подрачјето Скопје, Тетово и Гостивар се решени, и драго ми е што и од Гостивар према Кичево 58 отсто од експропријацијата е веќе решена. Оваа година очекувам да почне пуштањето на првите цевки во градот Скопје и во општините. Општините ќе може да градат гасоводни мрежи во самите урбани средини, преку претпријатието Македонски енергетски ресурси (МЕР), кое што ќе повлече кредитна линија од ЕБРД, или пак има опција, изградбата на гасоводната мрежа, општините да ја дадат под концесија. Ретки се градовите кои што имаат минимум гасоводна мрежа и тоа е сериозна капитална инвестиција – изјави Заев.

Гасификацијата е скап проект, а општините немаат пари

Јавното претпријате „Куманово гас“ е првото основано претпријатие за гасификација во државата во 2005 година и дури 2011 година почнува со дистрибуција на природниот гас до населението.

Тоа што Куманово е гасифицирано само 15 проценти, според директорот на Јавното претпријатие „Куманово гас“, Никола Денковски  најповеќе се должи на немањето доволно средства во општинската каса.

Денковски објаснува дека, за да се изработи основен проект за гасификација на градот, треба да бидат вклучени сите општествени чинители, бидејќи се задира во многу области од градежништво, сообраќај, буџетски средства, што да се гасифицира.

– Со снабдување на потрошувачите започнавме во 2011 година и до сега имаме изградено 15 километри дистрибутивна мрежа со тенденција на ширење. Изразено во проценти, гасифицирани се 13-14 проценти од градот што е мала бројка. На тие 15 километри има уште капацитет за приклучување. На гас се приклучени 160 домаќинства, 30 правни субјекти, останати индивидуални и колективни станбени згради – вели Денковски

За да се зголеми процентот на гасификација, Советот на Општина Куманово донесе програма за субвенционирање на приклучоците. Општината за секој приклучок доделува по 10.000 денари. Цена на приклучок изнесува 800 евра, но со субвенционирањето таа ќе се намали на 650 евра.

– Би можело да се каже дека цената за приклучок на гасификација е причина зошто слабо граѓаните не се приклучуваат на гас, но од анализите кои ги имаме апсолутно е економски оправдано. Кога ќе се зголеми обемот на приклучоци и цената ќе се намали – додава Денковски.

Според него, треба да се поедностави процедурата за приклучок, бидејќи од моментот на поднесување на барањето до приклучокот се чека еден месец. Предлогот за измена на Законот за градење е испратен до Министерство за транспорт и врски и Собранието.

Автор: Силвана Жежова

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За три години нема ниту една пресуда за предизвикување шумски пожар

Никој во последниве години не одговарал и не бил осуден за кривичното дело „предизвикување шумски пожар“. Мета.мк ги побара податоците од Кривичниот суд за тоа колку пресуди биле донесени...