!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Во експлозија, повреден поранешниот грчки премиер Пападимос


       
Атина, 25 мај, 2017 - 19:51 (META) 

Поранешниот грчки премиер Лукас Пападимос е повреден во експлозија на писмо-бомба во неговиот автомобил во центарот на Атина. Поранешниот премиер е надвор од животна опасност. Експлозивниот материјал бил поставен во писмо адресирано до Пападимос и експлодирал при отворање, додека тој се возел низ градот.

Во експлозијата се повредени Пападимос, неговиот возач и еден член на неговото обезбедување од грчката Народна банка, кои биле со него во автомобилот.

Повредите не се сериозни по живот, но тројцата се префрлени во една од поголемите болници во Атина. Според информациите во Грција, Пападимос ќе биде опериран со цел, темелно да му бидат исчистени раните. Поранешниот премиер според информациите е повреден во делот на нозете, градниот кош и стомакот.

Благодарение на тоа што автомобилот бил блиндиран, експлозијата не предизвикала штети надвор од возилото.

Пападимос е поранешен заменик-претседател на Европската централна банка и поранешен технички премиер на Грција, кој за време на оваа функција беше главно воздржан од политички изјави и посветен на спроведување на мерките договорени со кредиторите.

Во Грција последнава година има зачестени напади на функционери, судии и официјални институции, а за поголемиот дел од нив одговорност презема терористичката организација „Огнени јадра“ како реакција против политиката на грчките влади во соработка со меѓународните кредитори. Неодамна писма со експлозивна содржина со грчки печат беа испратени и до неколку европски функционери.