!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Експлозија на бомба во центарот на Атина


       
Атина, 20 април, 2017 - 10:19 (META) 

Силна експлозија го потресе центарот на Атина доцна ноќеска. Бомбата поставена во торба експлодираше нешто пред 23 часот синоќа, пред канцелариите на „Јуробанк“ во строгиот центар на градот. Во експлозијата се причинети големи материјални штети на банката и на околните згради, но нема повредени.

Според информациите од полицијата, половина час пред експлозијата имало предупредувачки повик во еден грчки медиум дека ќе експлодира бомба пред „Јуробанк“ во центарот на градот, благодарение на што полицијата успеала да го евакуира реонот навремено и да избегне жртви.

Стражарот на банката и камерите покажале дека две лица пристигнале пред банката на мотор, ја оставиле торбата со бомбата и потоа избегале.

Полицијата трага по напаѓачите, а поради истрагата на местото на настанот дел од центарот на градот беше блокиран до рано утринава.

Засега ниту една организација нема преземено одговорност за нападот. Во последната година, зачестија нападите со бомби со помал капаците пред амбасади, официјални згради, згради на официјални лица и на судии, а грчките анархисти испраќаа експлозивни материјали преку писма и до официјални лица од Европската Унија. За мнозинството од нив одговорност презема терористичката организација Огнени јадра.