Економската соработка со Црна Гора ќе се продлабочува во повеќе сектори


       
Скопје, 3 ноември, 2017 - 13:57 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, и министерот за економија, Крешник Бектеши, се сретнаа со министерката за економија на Црна Гора, Драгица Секулиќ, на маргините на економската конференција „Предизвици на патот кон ЕУ“, која завршува денеска во Будва,

На средбата се разговарало за начините за продлабочување на економските односи меѓу двете земји во сите области, меѓу кои и слободно движење на добра, услуги, луѓе и капитал, зголемување на бројот на туристи меѓу двете земји, зголемена соработка во енергетскиот, транспортниот и во земјоделскиот сектор.

Анѓушев истакнал дека е неопходно што поскоро воспоставување на директни авионски линии со Подгорица и со градовите во регионот, како и подобрување на патната инфраструктура, што ќе обезбеди побрз протек на стоки и засилена комуникација на деловниот сектор и на туристите.

Со тоа, како што истакнал вицепремиерот Анѓушев, ќе се отворат и нови економски перспективи, ќе се зајакне културната и соработката во областа на спортот, на образованието и сите други аспекти на секојдневниот живот на граѓаните.

Министерот Бектеши ја истакнал потребата договорот за соработка во областа на туризмот помеѓу двете земји, потпишан во 2009 година, да почне да се имплементира и економиите на двете земји да ги почувствуваат ефектите од туристичката соработка и во практиката.