fbpx

Еколозите ќе го известат УНЕСКО и ќе ја тужат Општина Охрид за Студенчишко блато

-

Еколозите од Здружението за заштита на животните и животната средина „Еден“, „Фронт 21/42“ и од Еколошко друштво „Лагадин“, заеднички побараа од Општина Охрид да ги повлече измените на Генералниот урбанистички план со кои природната реткост Студенчишко блато се претвора во градежно земјиште, на кое ќе се градат станбени објекти, пристаништа и слично.

Од „Фронт 21/42“ велат дека со последните измени на Генералниот урбанистички план, над Студенчишко блато треба да никне елитна населба во која ќе биде дозволено да се градат куќи од четири ката. Значи блатото кое сега има своја флора и фауна и е еден од последните блатни екосистеми во Македонија ќе се пресушува за да се градат објекти. Тоа е недозволиво зашто, според Стратегијата за биолошка разновидност со акциски план усвоена од Собранието, сите национални блата се сметаат за значајни локалитети.

Потребно е усогласување на сите понатамошни активности за заштита, управување и ревитализација на блатните станишта, а не градби и девастација, напоменуваат еколозите. Тие се повикуваат на Стратегиската оцена на влијанието на животната средина за измените и за дополнувањата на Генералниот урбанистички план, подготвена од Геодетскиот институт.

Во оцената се посочува дека Општина Охрид при јавната расправа не го почитувала ниту Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион и не побарала мислење од УНЕСКО.

– Дополнително, не се понудени ниту компензациски мерки. Оттука произлегува и нашето барање Општината да се повлече од измените на Генералниот урбанистички план – вели Бујаровска во име на еколошките здруженија.

Еколозите обвинуваат дека Општина Охрид во изминатиот период веќе неколкупати го нарушила еколошкиот амбиент на Охридското Езеро со измени на Генералниот урбанистички план. Притоа се истакнува изградбата на брзиот пат кој ќе минува низ населбата Рача и националниот парк Галичица, ски-центар на планината и слично.

Македонија доби едно официјално предупредување од седиштето на УНЕСКО, и езерото и неговата околина, кои ја уживаат оваа заштита, не смеат да бидат предмет на произволни промени чиј приоритет е финансискиот интерес на неколкумина моќници. Од друга страна, Албанија ги руши постојните објекти долж брегот на езерото за да добие заштита од УНЕСКО.

Еколозите ја предупредуваат Општина Охрид, дека ќе го известат УНЕСКО и ќе поведат тужба против локалната самоуправа доколку таа и понатаму не ги почитува нивните барања и препораките од Стратегиската еко-оцена.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Донбас. Вчера, денес, утре“ – документарец во најдобрата пропагандна традиција на Кремљ

Руската амбасада деновиве го сподели на Фејсбук документарецот „Донбас. Вчера, денес, утре“ (2021), во кој се користи една честа манипулација, а тоа е правење збрка во редоследот на настаните, за...