!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Еколозите и властите со различни толкувања на ставовите на мисијата на УНЕСКО во Охрид


       
Охрид, 19 април, 2017 - 10:49 (META) 

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, ги обвинува еколошките асоцијации дека намерно шират паника и невистини околу можното симнување на Охрид од листата на светските вредности и реткости на УНЕСКО.

– Се чини дека некои структури се задолжени и од петни жили се борат Охрид да го изгуби статусот на заштитен град на УНЕСКО, многу повеќе отколку што привидно се загрижени за зачувување на природата и на културното наследство – реагираше Бакрачески.

Екологистите, пак, остануваат на своите ставови и ги поткрепуваат со сознанијата од разговорите со експертската група на УНЕСКО.

– Реактивната мисија на УНЕСКО е најригорозниот инструмент што постои во рамки на институцијата. Наспроти наративот што го презентираат македонските институции, мисијата не е овде за да дава забелешки, туку за да собира информации. Извештајот во кој тие ќе ги вклучат своите забелешки, ќе биде готов за осум недели. Врз основа на тој извештај ќе се реши дали регионот ќе биде преместен на листата на загрозено наследство или не, на 41. седница на УНЕСКО што ќе се одржи во јули годинава, во Краков, Полска – изјави Драгана Велковска од Здружението за заштита на животни и животна средина, по состанокот со експертите на УНЕСКО.

Еколошките асоцијации ја образложиле актуелната ситуација и го претставиле истражувањето на Здружението според кое речиси сите опфатени институции, граѓани и граѓански организации се против уништување на природните вредности на регионот во име на краткотрајна или еднократна финансиска добивка.

– Урбанизацијата на Студенчишко Блато ќе предизвика уништување на последниот блатен еко-систем на Охридското Езеро карактеристичен со својата флора и фауна, додека, пак, изградбата на пристаниште и на пешачки патеки во езерото од каналот Студенчишта до реката Грашница трајно ќе одземе и ќе уништи неколку хектари од литоралниот регион во овој дел од езерото со што ќе се уништат ендемски видови – предупредува д-р Трајче Талевски од „Охрид СОС“.

Експертите на УНЕСКО изнеле иницијатива за прогласување на регионот за зелена дестинација, што еколошките асоцијации ја поддржувале.

Надзорната мисијата на експертски тим на УНЕСКО, која треба да подготви извештај за заштитеното природно и културно наследство во Охридскиот Регион, покрај со невладините организации, оствари средби со претставници на Националниот парк Галичица, Завод и музеј Охрид и на локалната самоуправа.