Еколозите бараат Шар Планина да стане национален парк за да се спаси од уништување


       
Тетово, 11 мај, 2017 - 16:44 (META) 

Шар Планина што поскоро да се прогласи за национален парк, зашто само на тој начин ова подрачје ќе се заштити од уништувањето на биодиверзитетот, истакнаа учесниците на завршната конференција на проектот „Предизвици за заштита на природата на Шара во идното прекугранично заштитено подрачје Шара, Кораб, Шари“.

– Сведоци сме дека има неконтролиран незаконски лов, а најопасно е неконтролираното градење на Шара, дури и во високите предели. Затоа бараме што поскоро да се заштити ова подрачје. На тој начин ќе има поголема контрола на овој масив, кој, за жал, сега се уништува – изјави проф. д-р Љупчо Меловски од Македонското еколошко друштво.

Со заштита на шарпланинскиот масив и локалното население ќе има големи придобивки.

– Има тука разни плодови, боровинки, шарпланински чај. Овие работи се берат неконтролирано, не се чуваат. Во националниот парк ќе биде многу поинаку – вели универзитетскиот професор Гоше Стефков.

На конференцијата присуствуваше министерот за животна средина, Башким Амети, кој рече дека конференција е чекор напред кон процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк,

– Прогласувањето на Шар Планина за национален парк е предвидено со урбанистичкиот план на Македонија години наназад, а досега и во други пригоди Министерството давало заложби за ова да се случи. Со проектот финансиран од УНЕП и од ГЕФ, се подготвува студија за валоризација на природните ресурси за Шар Планина, како и други дополнителни документи за заокружување на овој процес, кои во следните две-три години ќе се финализираат – изјави Амети.

На конференција се презентираа резултатите од активностите на тригодишниот проект „Зачувување на биолошката разновидност преку одржливо искористување на ресурсите на Шар Планина“, спроведуван од Македонско еколошко друштво и од платформата „Пријатели на Шара“. Истовремено и се презентираа заедничките активности од повеќе домашни и меѓународни чинители во прекуграничното подрачје на шарпланинскиот масив.

Инаку, иницијативата за прогласување на Шар Планина за национален парк е стара повеќе од една деценија, но оваа иницијатива сè уште не е влезена во законска процедура. На косовската страна, Шар Планина за национален парк е прогласена во 1983 година.