Екипите на „ЕВН Македонија“ ги санираат дефектите во дистрибутивната мрежа


       
Скопје, 14 февруари, 2018 - 14:32 (META) 

Големо невреме проследено со обилни врнежи од дожд и снег предизвика прекини во снабдувањето со електрична енергија во Југозападниот дел на Македонија. Без струја се дел од населените места во планинските региони околу Охрид, Струга, Гостивар, Кичево, Тетово, Маврово и Реканскиот крај.

„Екипите на ЕВН Македонија во текот на вчерашниот ден ги санираа дефектите во повеќе населени места, освен онаму каде што имаше проблеми со пристапот поради големи наноси од снег и одрони на патот. Од утринава, екипите се постојано на терен и како што ги санираат дефектите, така населените места се пуштаат под напон. ЕВН ги активираше сите расположливи ресурси, човечки и материјални, со цел побрзо справување со дефектите од невремето“, велат од компанијата.

Од таму додаваат дека зимските возила, моторните санки и целата опрема е во служба на екипите за пробивање на најкритичните и непристапни места.

„ЕВН Македонија е во постојана координација со другите енергетски компании кои го сочинуваат енергетскиот систем во земјава, со цел надминување на сите проблеми кои ги предизвика невремето“, се додава во соопштението.